Казни од МКФ: Лирија без бод, два меча суспензија и 47.500 денари казна

Комесарот за натпреварување при МКФ, Владо Цветковски, ги објави казните за големиот инцидент на дуелот меѓу Лирија 77 и Академија ФМП, каде еден гостински кошаркар беше нападнат, по што натпреварот не беше завршен.

Врз основа на ваквиот делегатски извештај, комесарот Цветковски реши мечот да го регистрира со службена победа на гостите. Лирија 77 како домаќин и главен виновник за инцидентот нема да го добие ниту бодот што вообичаено им следи на поразените екипи, а згора на тоа клубот од Чаир ќе плати и вкупно 47.500 денари казна, а и следните два натпревари на домашен терен ќе ги игра пред празни трибини.

„Во текот на една сезона се играат повеќе од 2.000 натпревари за кои во изминатите 4 години не сме имале ваков случај на посериозен инцидент за време на натпреварите. Жалиме што немил настан од ваков размер воопшто се случи, но воедно сме среќни што немаше посериозни повреди на лица кои беа присутни на натпреварот во каква била улога. Едно е сигурно, нема да толерираме никаков вид на насилство или неспортско анвивање и ќе работиме за заштита на сите кошаркарски субјекти инволвирани во играта која сите ја сакаме за што подобро и покоректно претставување на играта. Во кошарката нема место за провокатори, инциденти и за насилство. Се надеваме дека ова ќе биде последен ваков случај во кошарката и дека повеќе нема да се повтори“ – потенцира Спортскиот директор на МКФ, Владимир Темелковски.

Се вчитува...