Ќе има ли „трета среќа“: Партизан пак го „мерка“ Марио Хезоња

Партизан веќе го планира ростерот за наредната сезона, дел од првотимците сигурно ќе си заминат, а меѓу желбите на амбициозниот АБА-лигаш се наоѓа и хрватскиот репрезентативец Марио Хезоња. Грчкиот портал „Апекс“ обелодени дека Панатинаикос ја следи ситуацијата на Хезоња во Реал, но и дека „зелените“ од Атина ќе имаат сериозна конкуренција во Партизан, ако се знае дека Жељко Обрадовиќ го има ставено Хрватот високо на својата листа со желби.

Хезоња не крие дека има исклучително високо мислење за белградските „црно-бели“, а интересно е дека Партизан два пати досега се обидуваше да го доведе хрватскиот крилен кошаркар во своите редови. Првиот пат тоа се случи додека тренерот беше Вујошевиќ, но Хезоња реши да се пресели во НБА, а Партизан по втор пат не успеа минатото лето, кога Хезоња по заминувањето од Уникс го избра Реал Мадрид за своја следна дестинација.

Хрватскиот кошаркар би бил достапен на пазарот за соодветна отштета, но проблем за Партизан е што Хезоња сериозно размислува летово да се врати назад во НБА. Тој веќе настапуваше пет сезони во најсилната лига во дресовите на Орландо, Њујорк и Портланд, но сега е убеден дека може да игра на далеку подобро ниво отколку на почетокот од својата кариера.

Ако Хезоња сепак реши да остане во Европа, Партизан дефинитивно ќе се обиде да го довеед во своите редови.

Се вчитува...