Ќе се брани ли Вардар и во Струмица… 1-1 од Малме не е гаранција за успех

Вардар има голема шанса по повеќе од една деценија да биде првиот македонски шампион што минал барем една пречка во квалификациите за Лигата на шампионите. „Црвено-црните“ имаат позитивни 1-1 по првите 90 минути против Малме, но ќе треба да одиграат најдобро што знаат и умеат и на денешниот реванш во Струмица. Дилемата е јасна, дали Вардар ќе се брани и на стадионот „Младост“, како што тоа го правеше речиси цел натпревар на „Сведбанк арена“, и излезе успешно за македонскиот првак, или пак ќе нападне поотворено, да го изненади Малме и да го добие овој возвратен дуел во своја корист.

Тајната ја знае веројатно само тренерот Гоце Седлоски, и оние негови избрани 11 кои ќе го почнат натпреварот. Теренот во Струмица не е во најдобра состојба, и тоа веројатно ќе му биде во корист на Вардар се додека ги има оние 1-1 од Шведска. Но, не треба тоа да биде ѕвезда водилка како да се одигра на реваншот.

Седлоски одреди дефанзива и за првиот меч во Малме. Еластичен среден ред, брзоногите Барсегјан и Исени како поддршка за единствениот напаѓач Балотели, но со многу повеќе дефанзивни задачи. Да внимаваат на страничните позиции, да удвојуваат крај Демири и Хамбарџумјан. Оттаму, имаше многу простор за Малме да ја води играта во средишниот дел од теренот, па и да се заканува со удари од далечина. За среќа на македонскиот првак, Швеѓаните не успеаја да погодат на првиот дуел од такви обиди.

Но, откако Вардар постигна гол, а потоа Малме комплетно тргна во офанзива, се увидоа и слабите точки на „црвено-црните“, или пак главната сила на противникот. Малме е надмоќен во скок – играта, и така и успеа Брорсон да постигне погодок за израмнување. Ако Вардар повторно дозволи таква игра, да се повлече пред и во својот шеснаесетник, ќе биде многу опасно по голот на Гачевски. Од друга страна, Малме сега ќе биде засилен и за робусниот напаѓач Маркус Розенберг, чија најсилна страна се токму воздушните дуели и играта со глава.

Вардар не смее да дозволи Малме да диктира темпо и на денешниот меч во Струмица. Не смеат да го залажат „позитивните 1-1“ од првиот меч во Шведска. Затоа што Малме во првите 90 минути имаше дури 20 шутеви кон голот на Гачевски, од кои, за среќа, само пет во рамките на голот. И изведе дури 13 корнери. Преголема е тоа опасност, повторно да му се дозволи на Малме да напаѓа со таков интензитет.

Вардар има голема шанса по повеќе од една деценија да биде првиот македонски шампион што минал барем една пречка во квалификациите за Лигата на шампионите…

Се вчитува...