Кејлор Навас е пред трансфер во Премиер-лигата

ПСЖ е на добар пат да се ослободи од Кејлор Навас, откако искусниот голман се согласи да си замине од „Паркот на принцовите“ и кариерата да ја продолжи во англиската Премиер-лига. Нотингем Форест би требало да биде новиот клуб на костариканскиот ветеран, откако Навас веќе ги договори личните услови со клубот и останува само уште ПСЖ и Нотингем да ги договорат деталите од продажбата.

„Светците“ уште во текот на летото се обидоа да го продадат Навас, но тој одби неколку понуди инсистирајќи на останување и борба за првотимски статус со Донарума. Неколку месеци подоцна, на искусниот чувар на мрежата му стана јасно дека нема да добие шанса за докажување кај тренерот Галтие, што беше причина самиот да побара нов клуб на почетокот од јануарскиот преоден рок.

Нотингем остана без првиот голман Хендерсон поради повреда, па „шумарите“ го насочија вниманието кон Навас, нудејќи му одлични услови за соработка на најмалку две години. Според францускиот весник „Л’Екип“, голманот веќе ја прифатил понудата на премиерлигашот, а на добар пат тоа да го стори е и управата на ПСЖ, која до крајот на викендот би требала и официјално да даде зелено светло за трансфер.

Се вчитува...