Ким мора да оди во војска пред да потпише за Манчестер Јунајтед

Ким Мин Џае минатото лето дојде од Фенербахче во Наполи, помогна да се освои скудетото и една година подоцна сега е подготвен за нов предизвик во кариерата. Веќе нема дилема, Манчестер Јунајтед ќе биде нов клуб на корејскиот дефанзивец, откако „црвените ѓаволи“ се согласија да ја платат клаузулата за раскин на неговиот договор со Наполи, воедно нудејќи му двојно повисока плата од онаа што ја заработуваше во Неапол.

Корејскиот ас веќе ги спакувал куферите свесен дека трансферот е многу блиску, а наполитанските медиуми тврдат дека тој во наредните денови ќе ја напушти куќата каде што живееше од првиот ден кога пристигна во градот. Она што е интересно, Ким пред потписот за Манчестер најпрвин ќе мора да се врати во татковината и да го отслужи воениот рок, по што би заминал во Англија на лекарски прегледи и потпис за Јунајтед.

Согласно законите во Јужна Кореја, трофејните професионални спортисти не минуваат цел воен рок, туку само „воен тренинг“ од нецел месец, така што Ким би требало да се појави на самиот старт од подготовките за новата сезона на „црвените ѓаволи“.

Наполи пак ќе биде на пазарот во потрага по нов дефанзивец, а лесно може да се случи тимот на нашиот Елиф Елмас да го врати назад Калиду Кулибали, особено ако стане достапен на позајмица откако не ги оправда очекувањата во Челси.

Се вчитува...