Џошуа Кимих беше клучен играч на Баерн под водство на Јулијан Нагелсман, но неговиот статус се промени откако Томас Тухел дојде на чело на баварскиот гигант. Германскиот репрезентативец се уште е стандарден во првиот тим, но станува се повеќе исфрустриран од честите жалби на Тухел поради немањето доволно квалитетни дефанзивни играчи за врска (покрај Кимих, тука се и Горецка и Лајмер).
Токму тоа е причината поради Кимих не само што одбива нов договор, туку и состанок со челниците на Баерн Минхен во блиска иднина. Тоа може да претставува проблем за баварскиот гигант, ако се знае дека актуелниот договор му истекува во јуни 2025 година, па на крајот од сезонава тој ќе влезе во последната година од договорот со најтрофејниот германски клуб. Чави не ја крие желбата да го доведе Кимих во Барселона како идеален наследник на Серхио Бускетс, минатото лето Баерн воопшто не сакаше да преговара, но сега ситуацијата ќе биде поинаква, па баварците самите ќе инсистираат на продажба ако Кимих во меѓувреме не потпише нов договор.
Самиот факт дека Тухел се уште инсистира на Палниња од Фулам е јасен знак дека тренерот на Баерн планира веќе во јануари да ја засили оваа позиција, со тоа да го загрози и статусот на Кимих како клучен играч на средината од теренот.
Останува да се види како ќе се снајде Баерн без Кимих во тимот на претстојното дерби со Борусија во Дортмунд, меч што германскиот репрезентативец ќе го пропушти поради суспензија по црвениот картон заработен минатата рунда против Дармштад.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА