Кире Лазаров: Ова е проект за доброто на македонскиот ракомет

Кире Лазаров не го криеше задоволството што станува дел од новиот ракометен проект во Македонија, новоформираниот клуб РК Алкалоид. Актуелниот селектор во неколку наврати во минатото потенцираше дека мора да се крене нивото на работа со младите категории, а сега ќе се обиде да даде свој придонес за тоа да го презентира во новиот клуб.

Приоритет е создавање на нова база за репрезентацијата, со оглед на проблемите со кои се соочува националниот тим со актуелната смена на генерации.

„Ова е проект за добробит на Македонија. За мене е чест и задоволство да бидам дел од овој проект, каде главната улога ќе ја носи една светски призната компанија како Алкалоид. Ќе работиме заедно, за доброто на македонскиот спорт, на македонскиот ракомет. Моето искуство кажува дека за да се оформи квалитетна база на млади спортисти, најважно е да се работи квалитетно со млади играчи, тоа е нешто што треба да се крене на едно повисоко ниво. Сите заеднички треба да дадеме се за да изградиме нови македонски репрезентативци кои во иднина ќе го носат националниот дрес. Во Европа и во светот има многу центри за формирање на млади играчи, ние со овој проект ќе се обидеме да го пресликаме овој начин на функционирање, за да можеме мирно да спиеме и да изградиме мирна иднина на македонскиот ракомет. Многу полесно ќе ни биде ако почнеме од сега да размислуваме на тој начин, од вакви проекти ќе изградиме добра база на играчи за да не стравуваме за иднината за наредните 15 години. Приоритет ќе биде да биде овозможен квалитетен стручен кадар и квалитетен тренажен процес. Спремни сме за соработка и со другите клубови, се со цел за доброто на македонскиот спорт и да напредуваме, да го имаме она што сите го посакуваме – квалитетна национална селекција“, изјави Кире Лазаров.

Тој децидно порача дека фактот што е селектор на Македонија и носител на овој проект нема да значи и конфликт на интереси.

„Познавајќи се себе, јас сум најтежок самиот за себе, потоа и за другите. Мојот карактер нема да ми дозволи да има судир на интереси. Од мене се бара резултат, со тек на времето ќе се покаже дали сме работеле квалитетно. Кај мене такви работи нема да има“, децидно порача Лазаров.

Се вчитува...