Кире Лазаров: Овој бараж е круцијален за нас, носи на СП, но и отвора олимписки врати

Македонската ракометна репрезентација денеска го имаше првиот собир, во пресрет на бараж двомечот против Романија, за пласман на Светското првенство. Капитенот Кире Лазаров, како и секогаш, е оптимист, но и реално внимателен во очи дуелите со Романците.

„Мислам дека овој бараж за нас е посебно важен, од круцијална важност. Имаме доволно време да се подготвиме, ове денови се доволни. Најважно е да бидеме здрави. Сите сме изморени од напорната сезона. Си ја знаеме работата, сите посакуваме да се пласираме, бидејќи ова Светско првенство ќе биде квалификациско за Олимписките Игри. Треба да се поставиме сериозно“, вели капитенот Кире Лазаров кој со Нант беше финалист на Ф4 во Лигата на шампионите.

Противникот Романија сепак заслужува максимален респект.

„Романија е квалитетен противник. Можеби немаат настапи на големи натпреварувања последниве години. Но, тие се враќаат, инвестираат, го донесоа Чави Пасквал и со тоа покажаа дека се сериозни. Треба максимално да се фокусираме. Нема да биде лесно, можеби не е атрактивен противник, но се квалитетни, јас ги познавам, имаат добри поедници. И тие веќе се подготвуваат за нас“, порачува десниот бек.

Дуелот меѓу нашиот селектор Раул Гонзалес и предводникот на Романија ќе има посебна жестина.

„Ќе биде посебно мотивиран. Пасквал ќе сака да му покаже на Раул поради нивните дуели со Вардар. Јас сум негов поранешен играч, ме познава добро. Тој со Барселона рано заврши, имаше многу време. Не очекува неатрактивен, но многу сериозен меч“, истакнува капитенот на македонската ракометна репрезентација.

Се вчитува...