Кире Лазаров со трофеј се прости од Барселона

Кире Лазаров имаше триумфално простување од Барселона откако македонскиот капитен се закити со трофејот во Копа дел реј, во финалето совладувајќи ја екипата на Ла Риоха со резултат 34-29. Ова беше последен меч за Лазаров во дресот на Барса пред трансферот во Нант, а соиграчите од каталонскиот гигант се погрижија тој да има победничко испраќање за Франција.

Меѓу најзаслужните за оваа победа на Барселона е голманот Борко Ристовски, кој имаше значаен придонес при влегувањето во игра на почетокот од второто полувреме. Имено, Гонзало Перез де Варгас немаше свој ден, па откако во првото полувреме имаше само две интервенции, Чави Пасквал на стартот од вториот дел при резултат 14-14 му даде шанса на македонскиот репрезентативец.

Ристовски ја оправда довербата и со три одбрани на стартот од вториот дел веднаш овозможи Барса да се одлепи. Ла Риоха потоа повторно влезе во ритам во нападот, но во тие моменти во ритам влезе Кире Лазаров, кој со неколку голови во вистински период ја одржа предноста на Барса на патот до трофејот, до конечните 34-29.

Лазаров го заврши мечот со три гола, Ристовски имаше четири интервенции за едно полувреме, а најефикасни кај Барселона беа Ентрериос со седум и Нгесан со шест погодоци.

Лазаров и Ристовски во текот на утрешниот ден ќе пристигнат во Македонија, предводејќи ја нашата селекција во клучните квалификациски средби за ЕП 2018 против Украина и Чешка.

Се вчитува...