Ракометниот клуб Голден Арт КЛ7 наскоро ќе го промени своето име и ќе биде без иницијалите на актуелниот капитен и селектор Кире Лазаров, откако тој решил да се повлече од учеството во скопскиот суперлигаш. Претседателот на клубот, Сашко Даев, денеска на прес-конференција говореше за амбициите и плановите на Голден Арт КЛ7, но и се осврна на турбулентниот период пред крајот на 2020 година.
Според Даев, капитенот Лазаров во ниту еден момент не дал објаснување за тоа што се случило и се повлекол од соработката со остатокот од управата.
„Структурата на сопственост е таква Голден Арт како компанија да има 50%, јас како Рехау 12,5%, потоа директорот Милчо Чакаревски 12,5% и Кире Лазаров како носител на брендот имаше 25%, но во финансирањето на клубот учествувавме јас со мојата компанија и сопственици на Голден Арт, кои покриваа околу 80% од вкупниот буџет. Што се случи со Лазаров, искрено не знам до ден денеска. Тој си замина без да каже зошто, едноставно ја прекина комуникацијата и се се заврши на начин на кој никој од нас не посакуваше. Можеби мислеше дека со тоа клубот ќе престане да постои, но ние сме премногу сериозни како луѓе и како бизнисмени за да дозволиме такво нешто. Ние имаме обврска кон сите овие деца кои ги донесовме од други градови, им овозможивме беспрекорни услови за работа, но и за едукација во Скопје. Не можевме да кренеме раце, напротив, продолжуваме со еднаков ентузијазам како и досега и затоа сум убеден дека овој ракометен проект ќе продолжи уште долги години, се со единствена цела – младите македонски играчи да имаат шанса и идеални услови да работат и да напредуваат. Во тек се разговори за менување на името, штом истите ќе бидат финиширани мислам дека новото име на клубот ќе гласи РК Голден Арт, но за тоа дополнително ќе бидете известени“, изјави Даев.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА