Најголемото дерби во германскиот фудбал, популарниот „Класикер“ помеѓу Баерн Минхен и Борусија Дортмунд ќе се игра денеска (18.30 часот) на „Алијанц“ арената и може да го одреди понатамошниот ток во битката за титулата, но и да даде одговор дали „милионерите“ можат да се носат со баварците.
Посебна тежина на дербито дава тоа што двете екипи се израмнети на врвот на табелата со по 17 освоени бодови по седум кола, но Баерн има постигнато двојно повеќе голови од Борусија (25-12).
Баерн во дербито влегува без тренерот Венсан Компани кој се опоравува од здравствените проблеми поради кои минатата недела беше хоспитализиран во болница. Компани во средата беше пуштен на домашно лекување, но управата му забрани да размислува за фудбал и на денешното дерби екипата ќе ја води неговиот помошник Арон Денкс.
„Нема да има големи промени, ниту поинакви подготовки за овој дуел. Ќе бидеме подготвени за дербито“, изјави Денкс, кој за денешниот дуел нема да може да смета на повредените Мануел Нојер, Луис Дијаз и Џамал Мусијала.
Тренерот на Борусија Дортмунд, Нико Ковач, кој во минатото седеше и на клупата на Баерн, смета дека посебен шмек на дербито му дава тоа што двете екипи имаат ист број бодови и се лидери на табелата.
„Ова е „Класикер“ и по подолго време имаме можност да играме против Баерн кога имаме идентичен број на бодови. Овој податок го прави натпреварот уште поинтересен. Баерн е златен стандард, не само за Германија, туку и за Европа. Овој пат имаше шанса да ги свртиме работите во наша корист, но едно е сигурно, нема да биде лесно“, вели Ковач.
Според германските медиуми, пред почетокот на натпреварот ќе има специјална церемонија во чест на добитникот на „Златната топка“, Хари Кејн.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
