Усик сака да боксува против непоразениот Американец за крај на кариерата

Еден од најдобрите боксери на денешницата, Олександр Усик, планира да ја напушти тешката категорија и да се врати во пониската – крузер, за да може да учествува во нов боксерски спектакл.

Усик кој последен пат во крузер категоријата боксуваше пред осум години, сака да боксува против непоразениот американски боксер, Давид Бенавидез.

Оваа вест ја потврди советникот на Усик, Серхи Лапин.

„Усик во 2027 година сака да се врати во крузер категоријата и повторно да стане апсолутен шампион. Најпрво размислуваме Усик да боксува за испразнетиот шампионски појас во ИБФ верзијата, а потоа целта е бокс-меч против Давид Бенавидез за обединување на титулите“,изјави Лапин за магазинот „Ринг“.

Олександр Усик професионалната кариера ја започна во крузер категоријата и во 2018 година стана апсолутен шампион обединувајќи ги титулите во сите четири верзии. Потоа се пресели во тешка категорија каде доминира до денеска и нема пораз.

Според Лапин, 2027 година треба да биде последна во професионалната кариера на Усик и токму бокс-мечот со Бенавидез да му биде последен.

Давид Бенавидез нема пораз во професионалната кариера, има 32 победи од кои 26 се со нокаут и моментно во негов посед се шампионските појаси во ВБА и ВБО верзиите.

„Разговаравме со Усик за неговото враќање во крузер. Нормално, нашата борба би била за сите појаси. Добро е тој да се симне во крузер, но ако сакаат јас да преминам во тешка категорија – немам проблеми со тоа“, потврди Бенавидез.

Се вчитува...