Лос Анџелес клиперс не се предава во „западното полуфинале“ против Јута џез, откако клиперси славеа на синоќешниот дуел со 132-106 и намалија на 1-2 во битката за влез во финалето на Западната конференција. Откако се вратија од 0-2 и од 2-3 во претходната рунда против Далас, избраниците на тренерот Лу ќе се обидат истото да го сторат и во дуелот со „џезерите“, кои на синоќешниот дуел одиграа далеку послабо во одбраната од вообичаено.
ЛА Клиперс уште во првото полувреме стигнаа до удобно водство од „плус петнаесет“ (64-49), а Јута не само што не успеа да се врати, туку и предноста на домашниот состав до крајот уште повеќе се зголеми, до конечните „плус 26“. Пресуден беше извонредниот шут од далечина на домашниот состав, кој погоди дури 19 тројки од 36 обиди (52,8% прецизност).
Ленард повторно беше главна фигура во редовите на ЛА Клиперс реализирајќи 34 поени, надополнети со 12 скокови и пет асистенции. Одличен придонес во победата даде и Пол Џорџ, кој погоди шест тројки за вкупно 31 поен. Во таборот на Јута најефикасен беше Донован Мичел со 30 постигнати поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА