Клоп: Мундијалот е во погрешно време од погрешни причини

Ливерпул денеска од 13:30 часот ја почнува новата сезона во Премиерлигата. Игра против Фулам на гостински терен, а менаџерот на Ливерпул Јирген Клоп, во најавата за новата сезона коментираше за Мундијалот кој ќе се игра оваа година во ноември и во декември.

Тој укажува дека и покрај тоа што има Мундијал сред сезона, неговата екипа се подготвувала како и досега.

„Вториот дел дефинитивно не е спринт и првиот меч после Мундијалот е 26 декември, а се игра до мај. Тоа не е спринт. Не слушнав некој да каже „ова е спринт и мораме да се подготвиме поинаку“. Ние не го сторивме тоа. Се подготвувавме како досега. За 15-16 мечеви се подготвувате како и обично“, рече Клоп.

Јасно кажа во што е проблемот…

„Ако сите играчи имаат пауза, не е проблем, тоа е добро. Тоа е како зимската пауза кога бев во Германија. Четири недели нема фудбал, и тоа е добро и знаеме како да се носиме со тоа. Но, да се игра на Мундијал е нешто сосема поинаку. Тоа не е во ред. Некој ќе одмора, некој ќе игра натпревари. Ако како играч дојдете до полуфинале, тој е веќе преоптоварен, а потоа му следуваат натпревари на секој седум дена. Сега ако почнам да зборувам за тоа, ќе ја искажам мојата лутина. Мојот проблем е како некој не му текнува дека нешто мора да се менува, а мора. Не може секогаш да ги гледате врвните играчи и да зборите како се сјајни. Тоа не оди така. Тоа ви е како со глобалното затоплување, сите знаеме дека мора нешто да се менува, но никој ништо не прашува како“, додаде Германецот.

„Овој Мундијал се случува во погрешно време од погрешни причини“, рече Клоп.

Се вчитува...