Клоп: Не ми градете статуа, тоа е за мртви луѓе

Јирген Клоп ги исполни соништата на фановите на Ливерпул носејќи ја првата премиерлигашка титула по пауза од 30 години, а медиумите веднаш по големиот успех потсетија на иницијативата на поранешниот капитен на „црвените“, Стивен Џерард, германскиот стратег да добие своја статуа пред „Енфилд Роуд“.

Легендарните тренери Бил Шенкли и Боб Пејсли имаат свои статуи заедно со основачот Џон Хаулдинг, Кени Далглиш има трибина на „Енфилд“ што го носи неговото име, а Џерард смета дека на Клоп мора да се гледа како на клупска легенда еднаква на гореспоменатите. Сепак, германскиот стручњак на денешната прес-конференција јасно стави до знаење дека не е премногу заинтересиран за реализација на оваа идеја на Џерард.

„Сите што имаат статуи пред „Енфилд“ ги добиле кога веќе не биле меѓу нас. Тоа е за мртви луѓе, а јас сум овде и сакам да живеам уште 30-40 години. Затоа, не сум заинтересиран за статуи. Јас сум менаџер на овој тим, ја освоивме Премиер-лигата, ја чувствувам љубовта на луѓето, но сметам дека не треба да ме споредувате со овие клупски икони. Не знам колку долго Бил Шенкли беше на клупата и што се освои откако го презеде Ливерпул во Втората лига, потоа Боб Пејсли кој беше негов асистент дојде на менаџерската функција и освои речиси се“, истакна Клоп.

 

 

Се вчитува...