Ливерпул се засилува со германска гол-машина

Ливерпул игра извонредно сезонава, но Јирген Клоп веќе ги планира засилувањата за наредното лето за уште повеќе да го засили тимот од „Енфилд роуд“. Со Алисон Бекер и Ван Дајк одбраната веќе не е никаков проблем, средниот ред летово беше засилен со Кеита и Фабињо, па јасно е зошто приоритет на Клоп за летниот преоден рок е нападот.

На врвот на листата со желби на германскиот стратег се наоѓа неговиот сонародник Тимо Вернер, за кого се најавува дека летово сигурно ќе си замине од таборот на Лајпциг. Германскиот репрезентативец неодамна почна да флертува со Баерн Минхен, но во таборот на Ливерпул се оптимисти дека ќе успеат да го убедат да му се приклучи на тимот на Клоп. Станува збор за одличен напаѓач кој игра и како класична „деветка“, а по потреба знае да биде опасен и по крилните позиции, што го прави идеален партнер за Салах и Мане.

Во ситуација кога Фирмино игра во променлива форма, јасно е дека Клоп ќе настојува дополнително да ја засили конкуренцијата во нападот, уште повеќе ако се земе во предвид дека Стариџ и Ориги летово ќе си заминат од „Енфилд“.

Вредноста на Вернер изнесува околу 60 милиони евра, сума што Ливерпул дефинитивно може да си ја дозволи за да ја исполни желбата на својот стратег.

Се вчитува...