Клоп сака да „украде“ ѕвезда на Евертон

Јирген Клоп има амбициозен план – да го доведе најталентираниот фудбалер на Евертон во таборот на Ливерпул. Станува збор за Ричарлисон, 21-годишниот бразилски напаѓач пред кого претстои блескава иднина. Бразилските медиуми објавија дека менаџерот на Ричарлисон, Ренато Веласко, бил гостин во домот на германскиот стратег, при што било дискутирано за можноста Бразилецот да ги промени клупските бои, од сини во црвени, и да се пресели од едниот во другиот градски ривал.

Проблем за Клоп претставува фактот дека Ричарлисон е приврзан за Марко Силва, стратегот на Евертон кој своевремено го донесе во Ватфорд, а минатото лето и плати 35 милиони фунти за Бразилецот да дојде на „Гудисон парк“. Сепак, доколку се остварат најавите дека Силва би можел да си замине на крајот од сезонава, тогаш бразилскиот интернационалец би можел да побара трансфер иако има договор до 2023 година.

Потешкиот дел од задачата ќе биде да се убеди Евертон на преговори со градскиот ривал, особено за млад и квалитетен играч што „карамелите“ можат да го продадат и на бројни други клубови кои веќе покажуваат интерес. Ливерпул има подготвено понуда од 50 милиони фунти, но останува да се види дали тоа ќе биде доволно за да се обезбеди потписот на Ричарлисон, кој сезонава постигна 13 погодоци за градскиот ривал.

Се вчитува...