Клоп: Совршена победа, голот на Мане ќе го гледам уште 500 пати

Јирген Клоп не го криеше задоволството по извонредната игра на својот тим и победата од 1-3 над Баерн Минхен, со која Ливерпул се пласираше во четврт-финалето од Лигата на шампионите.

„Со исклучок на повредата на Хендерсон, се останато беше перфектно од наша страна. Во второто полувреме покажавме многу зрела игра  Пред паузата требавме повеќе да играме фудбал бидејќи кога го правевме тоа апсолутно го уништувавме противникот. На досегашните гостувања во ЛШ не игравме добро во одбраната, но денеска бевме на висина на задачата и заслужено победивме. Триото во нападот беше извонредно, помогна многу и во фазата на одбрана, а голот на Мане… не знам што да кажам, таа мајсторија сигурно ќе ја гледам уште 500 пати што стигнам дома, навистина брилијантно“ – изјави Клоп.

Германскиот стратег нема некоја посебна желба во пресрет на утрешната ждрепка за натамошната фаза од Лигата на шампионите.

„Кого и да добиеме за противник, ние ќе излеземе на терен и ќе сториме се за да победиме. Овие момци сакаат да играат во ЛШ, даваат се од себе во секој момент, а со таков став можеме да играме против секого“ – порача Јирген Клоп.

Се вчитува...