Кои се желбите на нашите репрезентативци пред денешната ждрепка? – „Да се избегнат Португалија и Италија во полуфиналето!“

Денеска во 17 часот во Цирих е ждрепката за противниците на Македонија во полуфиналето и финалето на баражот за светското првенство идната година во Катар. Можни ривали во полуфиналето се Португалија, Италија, Шкотска, Русија, Велс и Шведска.

ЕКИПА разговараше со дел од репрезентативците кои ги кажаа своите желби пред денешната ждрепка. Потенцираат дека кој и да се падне, ќе биде тешко, но дека Македонија ќе се бори. Повеќемина од нив имаа желба да се избегнат силните Португалија и Италија барем во полуфиналето.

СТОЛЕ ДИМИТРИЕВСКИ

„Би сакал да не се падне некој од фаворитите Португалија или Италија. Подобро со нив да играме во финалето, и така би имале поголеми шанса за пласман на Светското првенство. Од другите немам некоја посебна желба. Сите се тука некаде со квалитет, и мислам дека со секого би можеле да се носиме“.

ДАРКО ВЕЛКОВСКИ

„Немам некоја посебна желба, што се падне нека се падне. Ако морам да бирам, тогаш ајде, не би сакал во полуфиналето да играме со Италија или Португалија. Но, ќе се надигруваме со секого, било кој и да ни падне. Покажавме дека можеме да играме и со силни репрезентации“.


БОЈАН МИОВСКИ

„За нас е сега сеедно кога сме веќе во плеј-офот за пласман на СП, затоа што е јасно дека не чекаат квалитетни противници кои ја носат фаворитската улога. Но воопшто не е сеедно како ќе го одиграме и завршиме баражот затоа што знаеме за нашите квалитети и амбиции, иако е јасно дека нема што да загубиме. Но, ако конкретно се прашувам тогаш лично би сакал да ги избегнеме Италија и Португалија, да го поминеме полуфиналето а во финалето нека биде кој биде“.


ЕНИС БАРДИ

„Би сакал некоја репрезентација која не е во топ 10 на светската ранг листа. Но, во фудбалот никогаш не се знае, секој може да победи секого. Ние секако ќе бидеме во улогата на аутсајдери, а тоа може да биде многу позитивно за нас. Јас силно верувам дека можеме да стигнеме до Мундијалот“.


СТЕФАН СПИРОВСКИ

„Шведска е мојата желба. Мислам дека со нив би можеле да се надигруваме, иако сите репрезентации се силни и цврсти и со ниту една нема да биде лесно. Би сакал во полуфиналето да ги избегнеме Португалија и Италија. Ако треба да играме со нив, нека биде тоа во финалето“.

============================================================================================================

Полуфиналните натпревари од баражот за пласман на Мундијалот ќе се играат на 24. март а финалните на 29. март следната година. Победниците од трите финални натпревари патуваат за Катар на Светското првенство во декември следната година.

СЕ ЗА ДЕНЕШНАТА ЖДРЕПКА ВО ЦИРИХ ОД 17 ЧАСОТ МОЖЕ ДА НАЈДЕТЕ НА СЛЕДНИОТ ЛИНК

Се вчитува...