Кој краде во Барса? – За услуга од 100.000 се плаќало по еден милион евра!

Хаосот во Барселона уште повеќе се продлабочи откако довчерашниот потпретседател Емили Русо јавно ги обвини челниците на клубот за криминал и кражба. Русо од денеска повеќе не е член на управата на каталонскиот гигант, заминувајќи си заедно со уште пет директори, но тој покрена лавина од реакции во јавноста обвинувајќи дека некој „ја бутнал раката во теглата со пари во клубот“.

„Да бидам искрен, мислам дека е случајот токму тоа – некој решил да ја бутне раката во „теглата“ каде што стојат парите на клубот. Не знам кој е точно, не знам ниту дали претседателот е дел од тоа, но очигледно е дека станува збор за такво нешто. Јас не сакав да ја свртам главата и да се правам како ништо да не се случило, не сакам да молчам, затоа и си занимувам. Има две клучни работи, плаќани се суми од над милион евра, некој треба да утврди дали станува збор за реална вредност. Друга работа е зошто се отпуштани луѓе кои можеле да ја завршат истата работа за многу помалку пари.  Зборуваме за нешто што сме можеле како клуб да го добиеме за 100.000 евра, а ние сме решиле да платиме над еден милион. Самите направете ја математиката“, истакна Русо.

Станува збор за плаќањата на Барса за услуги на компании кои преку социјалните мрежи работеле на подобрување на имиџот на клубот, но и на претседателот Бартомеу.

Скандалот првпат се појави откако медиумите објавија дека истите профили биле користени за критикувани на „ѕвездите“ на Барса во моменти кога требало да се изврши притисок врз нив, дали за слаби игри или пак во преговори за нов договор или најновата ситуација – кога се преговараше за колективно намалување на платите во каталонскиот гигант.

Анализите покажуваат дека ваквите услуги останатите клубови не ги плаќаат повеќе од 10.000 евра месечно, а доколку Барса навистина издвоила милионски суми за една година, обвинувањата на Русо уште повеќе добиваат на тежина.

Се вчитува...