Колин Паркер МВП на 4. коло во Суперлигата

Колин Паркер од Скопје е најкорисниот кошаркар на четвртото коло од МТЕЛ Суперлигата.

И покрај поразот на неговиот тим од Пелистер, Паркер имаше извонредно индивидуално издание, со кое го оствари највисокиот индексен учинок во ова коло – 33.

Во најдобрата петорка се најдоа уште четворица кошаркари кои оставија силен индивидуален белег во натпреварите од четвртото коло.

КОЛИН ПАРКЕР (СКОПЈЕ)

Паркер го предводи изборот на најдобрите со одличен дабл-дабл учинок на гостувањето кај Пелистер. За 38:17 минути поминати на теренот, постигна 25 поени, со 11 скока, од кои два во нападот, две асистенции и по една блокада и освоена топка. Неговото издание беше доволно за највисок индексен рејтинг во четвртото коло – 33.

НИКОЛА КОЧОВИЌ (ПЕЛИСТЕР)

Второ коло по ред, Никола Кочовиќ се најде меѓу најдобрите петмина. Во победата на Пелистер против Скопје, имаше извонредна напаѓачка вечер, реализирајќи 31 поен. На својот учинок додаде пет асистенции и четири скока, за 31 индексен поен остварени за 33:38 минути игра.

ТЕРИ АРМСТРОНГ (КОЖУВ)

Бекот на Кожув одигра максимални 40 минути на натпреварот против Тиквеш Голден Игл и беше еден од најзаслужните за победата на гевгеличани. Армстронг постигна 24 поени, подели седум асистенции и имаше пет скока, една блокада и две загубени топки, за вкупен индексен учинок од 30.

КАМЕРОН ХАМИЛТОН (ГКК ШТИП)

И покрај поразот на ГКК Штип од ТФТ, Камерон Хамилтон продолжи со своите квалитетни индивидуални партии. За 37:07 минути на паркетот, постигна 27 поени, запиша шест скока и четири асистенции, а имаше и четири освоени топки и две блокади. Сето тоа му донесе индексен учинок од 29.

МАЛИК ЏЕЈКОБС (СТРУМИЦА 2001)

Еден од најзначајните играчи во големата победа на Струмица 2001 над актуелниот шампион МЗТ Скопје беше Малик Џејкобс. Крилниот кошаркар за 31:48 минути постигна 29 поени, имаше шест асистенции и два скока, а забележа и по две блокади и освоени топки. Неговиот придонес беше вреднуван со 28 индексни поени.

ПРВА ПЕТОРКА

Колин Паркер (Скопје)

Никола Кочовиќ (Пелистер)

Тери Армстронг (Кожув)

Камерон Хамилтон (ГКК Штип)

Малик Џејкобс (Струмица 2001)

ВТОРА ПЕТОРКА

Камерон Џонс (Скопје)

Камерон Крафорд (Струмица 2001)

Роберт Рикиќ (Работнички)

Алан Бернард Луис (Скопје)

Алонзо Денинг (Пелистер)

Се вчитува...