Колина: Никогаш повеќе фудбал без ВАР…

Пјерлуиџи Колина е презадоволен од начинот на кој беше делена фудбалската правда на дуелите од Мундијалот во Русија. Легендарниот Италијанец не крие дека е горд од успехот што го донесе ВАР-технологијата, додавајќи дека е доволен доказ и во иднина да се продолжи трендот, па и да се продолжи во оние натпреварувања каде се уште не се користи видео-судијата.

„Убаво е да се слушнат комплименти од луѓе што претходно се жалеле на судењето. Секако дека сум задоволен и горд, но тоа не е нималку случајно. Четири години го подготвувавме целиот проект, уште по СП во Бразил, работевме напорно со судиите на натпревари и семинари за се да мине во најдобар ред. Се водеа дискусии за секоја можна ситуација и сето тоа помогна Мундијалот да има беспрекорно судење. Една работа расчистивме на стартот, ВАР не постои за да ја промени судиската одлука, туку во дадена ситуација да му даде можност повторно да види што се случило. Потоа судијата има апсолутно право да си остане на првата одлука, како што беше случај во неколку наврати на СП 2018. Сметам дека е направен голем чекор напред и никогаш повеќе не треба да гледаме фудбал на големите натпреварувања без ВАР“ – истакнува Колина.

Тој проговори и за неочекуваната одлука да си замине од функцијата „прв човек на судиската организација“ во УЕФА.

Се говореше се и сешто, дека сум отишол во ФИФА бидејќи во УЕФА не ме слушале доволно и не верувале во моите визии, но тоа не е точно. Јас се препознав во проектот на ФИФА и покажав дека тој може да функционира, но од целиот случај победници се судиите, така што ако УЕФА реши да воведе ВАР веќе ќе има подготвени арбитри за врвни натпревари. Не е точно дека сум водел војна во оваа институција, луѓето дури и ме побараа уште еднаш да размислам и да се вратам, јас сум му благодарен на Чеферин што ми ја даде одговорната функција уште при самото доаѓање во УЕФА“ – вели Пјерлуиџи Колина.

Се вчитува...