Возачот на Мерцедес, Кими Антонели, синоќа со освојувањето на третото место на трката за Големата награда на Мексико, стана најмладиот светски шампион во историјата на Формула 1 и заработи вистинско богатство иако сè уште вози со „дебитантскиот договор“.
Антонели титулата ја обезбеди на четири трки пред крајот на сезоната бидејќи има 380 бодови, дури 119 повеќе од второпласираниот Макс Ферстапен. Младиот возач на Мерцедес сезонава победи на девет трки и стана првиот Италијанец по Алберто Аскари од 1953 година кој бил шампион и тоа добро го наплати.
Иако сезонава возеше под „дебитантскиот договор“ кој му гарантира фиксна плата од пет милиони евра, Антонели во втората сезона во Ф1 во која ја освои и титулата, заработи дури 25 милиони евра благодарение на „златната клаузула“ за титули.
Според договорот на Антонели кој го објави „Марка“, Мерцедес на своите возачи им нуди големи бонуси за трофеи, по 10 милиони евра за титула во конструктори и по 10 милиони евра за освојување на титула кај возачите, што го направи токму Антонели.
Интересно е што, Антонели во 2026 година ќе заработи само пет милиони евра помалку од возачот на Мекларен, Ландо Норис, во 2025 година кога ја освои титулата.
Антонели е далеку зад најплатените Ф1 возачи, Макс Ферстапен со 65 милиони, Луис Хамилтон со 60 милиони или Фернандо Алонсо со 38 милиони евра, но наскоро и оваа слика може да се промени.
Актуелниот договор на Антонели со Мерцедес истекува на крајот од годината и од германскиот тим најавија започнување преговори за нов договор.
Интересно ќе биде на преговорите, бидејќи од една страна ќе седи шефот на Мерцедес, Тото Волф, а од другата страна неговата сопруга Сузи Волф, која раководи со агенцијата која се грижи за кариерата на Антонели.
Медиумите пишуваат дека платата на Антонели со новиот договор може да скокне од пет на дури 30 милиони евра по сезона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
