Колумбиец добива ужасни закани по смрт поради промашена шанса

Колумбискиот репрезенативец Хаминтон Кампаз наводно го одложил враќањето во својата татковина по елиминацијата на својата селекција од Светското првенство, бидејќи станал мета на сериозни закани на социјалните мрежи по киксот во драматичниот дуел со Швајцарија.

Во осминафиналето, Колумбија имаше одлична борба со Швајцарија, а одлуката за четвртфиналето беше одлучена дури по продолженијата и изведувањето на пенали. Кампаз имаше шанса да стане национален херој, но неговото промашување на самиот крај од продолженијата остана еден од најтешките моменти за оваа јужноамериканска селекција.

Беше 114-та минута кога Гранит Џака направи голема грешка и ја изгуби топката, а таа стигна до Кампаз. Фудбалерот на Росарио Централ се најде сосема сам пред швајцарскиот голман и имаше можност да ја однесе Колумбија меѓу осумте најдобри репрезентации во светот. Сепак, наместо во мрежата, топката заврши над пречката.

Додека најголемите колумбиски ѕвезди, како што се Хамес Родригез, Давинсон Санчез и Хуан Фернандо Кинтеро, се вратија во својата татковина по завршувањето на Светското првенство, Кампаз, според аргентинскиот весник „Инфобае“, одлучил да остане во странство поради страв за својата безбедност.

Причината се бројните навредливи пораки и наводни закани што ги добил по натпреварот.

На крајот на краиштата, Кампаз се огласи на социјалните мрежи и испрати емотивна порака до навивачите на неговата земја.

– Моја Колумбија, те молам никогаш да не ја изгубиме почитта еден кон друг. Можеме да имаме различни мислења, сите можеме да чувствуваме фрустрација или тага, но ниедна страст не оправдува омраза или живеење во страв – напиша колумбискиот репрезентативец. 

Се вчитува...