КОМИТИ: Го повикуваме Михајло Михајловски да го спаси Вардар!

По најавите на Сергеј Самсоненко за откажување од натамошното финансирање на РК Вардар, на крајот од актуелнава сезона, навивачката група „Комити“ пред денешниот прв четвртфинален натпревар од Лигата на шампионите против унгарски ПИК Сегед се појави со соопштение за јавноста во кое отворено го повика и поранешниот финансиер на клубот, Михајло Михајловски да се вклучи во проектот за спасување на Вардар.

„Комити“ го повикаа Михајловски, како синоним за името Вардар, по крајот на сезона, без разлика што ќе се случи во Сегед, да биде тој кој ќе го спаси Вардар.

СООПШТЕНИЕТО ОД НАВИВАЧКАТА ГРУПА „КОМИТИ“ ВИ ГО ПРЕНЕСУВАМЕ ВО ЦЕЛОСТ:

Драги Комити, навивачи и симпатизери наши и на Вардар, почитувана јавност. Ветивме дека ќе обелодениме каква е нашата одлука за 5 Мај!

Ние со целиот наш капацитет и енергија цело време стоиме позади еден кандидат во кого ги препознавме вистинските вредности кои треба да ги поседува еден кандидат кој се кандидира и има амбиција да го освои тронот. Нашиот кандидат има зрелост и искуство, енергија и ентузијазам кои пленат и веднаш ги освојуваат симпатиите дури и на оние неодлучните, храброст и сила да продолжи онаму каде многумина би застанале, одлучност борбата да ја води до крај, до последниот атом на своите сили.

Нашиот кандидат ја заслужува поддршката на јавноста затоа што има искуство позади себе да победува, да ни го пренесе и нам победничкиот менталитет кој може многу да значи во развојот на личноста, пред се кај најмладите, кај децата кои веќе нашиот кандидат го гледаат како свој идол, како модел кон кој се тежнее да се биде што е можно поблиску, репер за квалитет, симбол за чесност, истрајност, борба…

Се изнаслушавме различни кампањи за конкуренцијата и за тоа што тие нудат во своите програми и искрено не сме нималку воодушевени. Нам ни е важна сигурноста и вербата во иднината, а се назираат времиња кои навистина можат да бидат неизвесни…Тој знае да не сплоти и кога има и такви времиња и знае да се издигне и да не издигне и нас заедно со него…

Нашиот кандидат доколку не победи на 5. Мај, има реална можност да згасне! Тоа е она што ние никако не смееме да си го дозволиме! Затоа да се мобилизираме сите ние, цела јавност, цела бизнис заедница и сите оние кои се во можност да помогнат! Да се мобилизираме и заедно да победиме на 5 Мај!!!

Победата ќе ни даде сила, победата ќе ги увери сите дека е исправно да се инвестира во една величина, институција и светост чие име е Вардар !!! Да, нашиот кандидат се вика ВАРДАР и без разлика на денешниот натпревар, судбината ќе се крои во Сегедин, во Унгарија !!! Да не дозволиме да згаснат овие радости и моменти на гордост каква не е запаметена во Македонската историја! Да направиме се нашиот кандидат да победи !!!

Го повикуваме јавно и господинот Михајло Михајловски како синоним за името Вардар, јасно, гласно и недвосмислено да се приклучи на проектот за зачувување на величината која се вика ВАРДАР !!!

Знаеме, најавивме дека нашиот став за 5. мај ќе го соопштиме во 19 часот а го објавуваме час порано, тоа сме ние, тоа е наш стил и препознатливост, но ниту тоа не е случајно овојпат, час порано сите да реагираме за да спасиме нешто што навистина вреди во оваа наша мила земја Македонија!

Се вчитува...