Комити се подготвуваат за јубилејот „30 години“: Грешевме во минатото, сега да исправиме некои неправди!

Вардаровите навивачи „Комитите“ на големо се подготвуваат за одбележувањето на 30-годишнината од своето формирање планирано за 19. ноември на „Филип Втори“ за време на првенственото дерби меѓу Вардар и Пелистер…

„Комитите“ за одбележувањето на јубилејот ги повикуваат сите вардарови навивачи и нивни симпатизери, било активни или не, признавајќи ја сопствената грешка дека изминативе години непотребно се создаде јаз и нетрпеливост меѓу Скопје и внатрешноста, па место да го зацврстат своето навивачко ткиво по независноста дополнително Вардар се оддалечи од своите фанови и другите градови во Македонија.

„Грешевме во минатото признаваме, со нашето недоволно согледување на реалноста, несразмерната регионална развиеност, миграцијата кон главниот град, (за која немавме никаков удел), потпомогнавме да се продлабочи јазот помеѓу внатрешноста и главниот град, и Вардар наместо да се доближи до своите навивачи од внатрешноста, ние со своите постапки придонесовме љубовта да биде некомплетна, привилегијата и правото да се сака Вардар неправедно го пренесовме како ексклузивно кон главниот град… Се извинуваме поради тоа…“ – велат “Комитите“ во своето соопштение и дополнуваат:

„Затоа сега поради вашата истрајност и лојалност кон Вардар и покрај нашите непромислености во минатото, можеме слободно да кажеме дека Вардар е гордост на цела држава, Македонска авангарда која е подеднакво близу срцето без оглед на местото на живеење…

Нашата трибина во Недела, 19.11.2017 ќе биде составена токму од местата посочени во демографскиот приказ, и во името на љубовта кон Вардар и боите на клубот кој не врзува сите нас, ве повикуваме да ни се придружите, Добредојдени сте сите !!!

Скопје-Тетово, Струга-Гостивар, секој град и село е Македонија, тука сонцето грее најсилно, стани Македонче ова е твојот дом!!!“ – повикуваат „Комитите“.

Се вчитува...