„Комити“ со порака до „вардарци“: Досега бевте како аматерски клуб на ревијални мечеви, време е за храброст и пожртвуваност!

Најверните вардарови навивачи „Комитите“ испратија порака до фудбалерите преку која посакуваат максимална борбеност и пожртвуваност од секој поединец на дерби мечот против Работнички од 3. коло во ПМФЛ кој се игра в сабота од 17 часот на националната арена „Тодор Проевски“.

„Комити“ нагласуваат дека досега Вардар личел на аматерски клуб кој игра ревијални натпревари, па време е тоа да се промени.

СООПШТЕНИЕТО ОД КОМИТИ ВИ ГО ПРЕНЕСУВАМЕ ВО ЦЕЛОСТ:

Во првите две кола видовме тим и играчи кои го носат дресот на Вардар, но ангажман, борбеност и посветеност како да сме аматерски клуб на ревијални натпревари. Знаеме дека не сме засилени, но костурот на тимот е задржан, знаеме дека сме кадарни за високи дострели а сепак имаме тешки нозе и бариери во главата, недоверба во сопствените можности, неверување дека можеме затоа што се е во главата… Имавме денови кога игравме и со младински состави, примавме по 9 голови, но на теренот видовме полетарци кои знаат што значи името Вардар, и која тежина е носењето на тој црвено-црн дрес, не сме им замериле, ги славевме и нашата песна не престана да грми 90 минути. Знаеме да цениме пожртвуваност, знаеме да препознаеме жар и желба да се надминеме самите себеси со екстра напор, трпеливи сме, но знаеме да казниме индолентност и непочитување, неодговорност и малодушност. Се што бараме е храброст и пожртвуваност за секоја топка, и тогаш резултатите се во втор план, и тогаш нема да замериме пораз дома од Македонија Ѓ.П и килави 0:0 со Борец во Велес.

Нам резултатите не ни влијаат на присуството, но ни влијаат на расположението на трибина, затоа подарете ни го чувството дека знаете каде играте и што бараме од секој натпревар дури и кога тоа не е победа туку желба за истата и труд за остварување. Ние веруваме во вас, верувајте и вие во самите себеси!

Ние ќе бидеме на трибина во сабота, бидете и вие на теренот но во вистинска смисла, не само формално!
Конечно Градски, конечно враќање во нашиот дом, а домот е неприкосновен и се брани со сите сили и мотиви!
Сабота 17:00ч. – Градски Стадион
Западна трибина
Собир Фонтана Парк 16:00ч.

Се вчитува...