Антонио Конте имал средба со раководството на Реал Мадрид на која изразил подготвеност да седне на клупата на „кралскиот клуб“, уште повеќе зголемувајќи го притисокот врз Хулен Лопетеги по слабите игри и резултати во изминатиот период.
Поранешниот шпански селектор се соочува со огромен притисок откако тимот одигра очајно пред репрезентативната пауза, не постигнувајќи гол на последните четири средби, што е незамисливо за актуелниот првак на Европа. Флорентино Перез веќе е свесен дека Лопетеги тешко ќе може да излезе на крајот со овој предизвик, но е подготвен да му даде шанса на својот тренер во наредната седмица. Саботниот дуел со Леванте е меч на кој дефинитивно мора да се победи, но во секој случај клучен ќе биде резултатот на „Ел Класико“ наредниот викенд. Како што објавија неколку шпански медиуми, пораз од Барса на „Камп ноу“ ќе значи и дефинитивен отказ на Лопетеги, по што прашање на ден ќе биде кога Конте и дефинитивно би пристигнал на „Сантијаго Бернабеу“.
Италијанецот се уште се наоѓа на платниот список на Челси по предвремениот раскин на договорот во текот на летото, но јасно е дека лондонскиот клуб веднаш би дозволил официјален прекин на соработката, за да заштеди околу пет милиони фунти што би требало да му ги исплати на Конте до крајот на оваа натпреварувачка сезона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА