Конте: Ќе биде чудно – дерби без публика

Антонио Конте е подготвен да го предводи Интер на големото дерби против Јувентус, но трофејниот стратег не крие дека ќе биде чудно чувството овој мега-дуел да се игра без присуство на навивачи. Поради страв од ширење на коронавирусот овој натпревар што требаше да се одигра минатиот викенд беше одложен, па презакажан за утревечер, а на Конте му е јасно дека „нероаѕурите“ не смеат да си дозволат пораз ако сакаат да останат во трката за скудетото.

„Сите знаат колку е важна поддршката од трибините на овие средби, дефинитивно ќе биде чудно да се појавиме на теренот и мечот да го играме без публика. Нема да им биде лесно и на двата тима, затоа важно ќе биде кој побрзо ќе се адаптира на чудната атмосфера. Јасно е од колкаво значење е натпреварот за трката за скудетото, јас верувам во мојот тим и се надевам на победа што би била потврда за нашата добра работа во изминатиот период“, изјави Конте.

Тренерот на „нероаѕурите“ за овој натпревар нема да може да смета на Мозес, Галјардини и на Сенси. Интер моментно е третопласиран на табелата во Серија А, со осум бода заостанување, но и два натпревари помалку од лидерот Лацио.

 

Се вчитува...