Конте: Може и раководството да одговори, зошто имаме фудбалери без карактер?

Интер имаше водство од 0-2 на полувремето од дуелот со Борусија Дортмунд, но на крајот поразен (3-2) си замина од Германија. Со тоа веројатно и ги загуби реалните шанси за пласман во нокаут фазата од Лигата на шампионите. Тренерот Антонио Конте разочарано резимираше дека во неговиот состав има фудбалери без победнички карактер и дури го повика и раководството на клубот да објасни зошто се така селектирани.

„Моите претпоставени исто така можат да дојдат и да зборуваат. Имаше премногу важни грешки во градењето на тимот. Овој состав нема фудбалери кои знаат да издржат притисок, со исклучок на Годин. Многу е тешко кога ќе загубите еден ваков натпревар“, изјави Антонио Конте.

Интер по четири кола има четири освоени бода во групата Ф, три помалку од Борусија Дортмунд, а на првата позиција е Барселона со осум бода.

Се вчитува...