Конте носи нов бек, Лазаро го напушта Интер

Антонио Конте не е најзадоволен од играта на бековите на Интер, па по ангажманот на Ешли Јанг во текот на утрешниот ден ќе донесе уште еден страничен дефанзивец. Станува збор за Виктор Мозес, кој му беше соиграч на Елиф Елмас во Фенербахче. Нигерискиот интернационалец е под договор со Челси, Лампард не смета на неговите услуги, па двата клуба се договорија Мозес да дојде на шестмесечна позајмица, со можност Интер во јуни да го откупи за сума од десет милиони евра.

Мозес е офанзивен фудбалер кој може да ја покрие бековската позиција во формација со тројца одбранбени играчи во линија. Тој ќе биде резервна варијанта за Кандрева, кој беше стандарден на овој дел од тимот на речиси сите овосезонски натпревари.

Ангажманот на Нигериецот воедно значи и давање на зелено светло за заминување на Валентин Лазаро. Австрискиот интернационалец дојде по одлична сезона во Херта, но не се снајде најдобро во тактичките замисли на Конте. Негова следна дестинација се очекува да биде Њукасл, откако „црно-белите“ сe договорија за позајмица до крајот на сезонава, со можност за откуп на договорот во текот на летото.

Се вчитува...