Интер е најновиот клуб кој влезе во редот заинтересирани за Единсон Кавани. Тренерот Антонио Конте не размислува за играчот на Пари Сен Жермен како за замена за Лаутаро Мартинез за кого е заинтересирана Барселона, туку за тандем од овие двајца играчи во неговиот тим. Според „La Gazzeta dello Sport“, Конте размислува Кавани да игра покрај Аргентинецот следната сезона. Конте наводно на Кавани гледа како на идеално засилување на тимот со оглед на искуството во Лигата на шампионите.
На Кавани летово му истекува договорот со ПСЖ и тој ги разгледува можните опции за продолжување на карерата. Во игра се клубови од Премиер-лигата, од американската МЛС, како и други екипи од Серија А. Се очекуваше Кавани уште во јануари да го напушти Париз, а во тој период најчесто беше поврзуван со трансфер во Челси.
Интер во нападот го има и одличниот Ромелу Лукаку, а летово од „Џузепе Меаца“ ќе си замине Алексис Санчез, кој не ги оправда очекувањата по позајмицата од Манчестер Јунајтед.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА