Контроверзното правило за пет измени ќе важи и во следната сезона во Премиер-лигата

Привременото правило кое беше воведено како дел од „проектот Рестарт“ во Премиер-лигата за пет измени во текот на еден натпревар веројатно ќе важи и во целата следна сезона. И покрај бесните реакции на дел од клубовите дека ова правило ги фаворизира богатите тимови сепак од Лигата објаснуваат дека правилото е воведено за да им помогне на клубовите чии играчи се соочија со долга пауза и им се заканува опасност од повреди. Сепак реакциите се дека најбогатите клубови профитираат од правилото затоа што имаат најголем фонд играчи.

Според планот, новата сезона во Премиер-лигата ќе почне на 12. септември, само седум недели по завршувањето на актуелнава сезона и нема да има време за традиционалниот претсезонски период. Клубовите кои ќе имаат и европски натпревари нема да имаат воопшто време за класични подготовки. Затоа би било во сила и правилото за пет измени.

Кога беше гласањето за прифаќање на ова правило пред рестартот од сезоната во Премиер-лигата против беа Астон Вила, Борнмут, Шефилд Јунајтед и Вест Хем. Клубовите кои се противници на ова правило стравуваат дека можноста да има пет измени би можела да биде воведена трајно. Ливерпул, Манчестер Јунајтед и Брајтон се единствените три клубови кои досега го искористија правото да направат пет замени на натпревар.

 

Се вчитува...