Корона-хаос во Тотенхем, нови заразени… Конте: Исплашени сме…

Корона-хаосот во редовите на Тотенхем уште повеќе се зголеми откако најновото тестирање во лондонскиот клуб донесе и нови позитивни случаи, како во играчкиот кадар, така и во стручниот штаб на Антонио Конте.

„Спарси“ утре треба да се сретнат со Рен во европските купови, но Антонио Конте на денешната прес-конференција обелодени дека има само десетмина сениорски фудбалери кои не се во самоизолација, воедно и дека стравува дека оваа бројка може уште повеќе да се намали.

„Искрено, исплашени сме, не знаеме што се случува и што ќе следи во наредните денови. Сведоци сме на лажно негативни лица, кои вчера беа негативни, а денеска добија позитивни тестови. И тие се во самоизолација, па сега останавме со десет сениорски фудбалери. Никој не може да гарантира дека ќе бидат десет и утре, бидејќи ќе имаме нови тестирања и не знаеме дали и колку нови позитивни случаи ќе има во клубот“, изјави Конте.

УЕФА засега останува децидна на ставот дека мечот од последното коло мора да биде одигран, иако според пропозициите на европската куќа на фудбалот средбата би можела да се одложи доколку клубот има помалку од 13 фудбалери на списокот, од оние кои се пријавени за настап во европските натпреварувања.

Тотенхем исто така ќе поднесе барање за одлагање на наредниот премиерлигашки дуел против екипата на Брајтон.

Се вчитува...