Корона-хаосот продолжува: Нови позитивни случаи во РК Охрид

Минимални се шансите наскоро да гледаме домашен ракомет на терените ширум Македонија откако од ден на ден се повеќе се зголемуваат случаите на играчи позитивни на Covid-19. Откако вчера беа обелоденети 16 позитивни случаи во Работнички, денеска пристигнуваат информации за нови четири случаи во редовите на РК Охрид, кој од претходно имаше двајца заразени ракометари.

„Резултатите се вкупно шест заразени лица во нашиот клуб после извршените тестирања на ракометарите, стручниот штаб и логистиката во клубот. Лицата позитивни на коронавирусот се во изолација, со благи симптоми, лесна клиничка слика и добра здравствена состојба. РК Охрид ќе се придржува до сите до сите протоколи и решенија за изолација и понатамошните насоки од Ракометната федерација на Македонија. РК Охрид апалеира до сите ракометните клубови и останатите спортски колективи да ги почитуваат мерките и протоколите, подготвени од надлежните институции“, – велат од Ракометниот клуб Охрид.

Групата А каде се натпреваруваат охриѓани е ставена во мирување поради масовната заразеност во редовите на КЛ7, по што РФМ донесе одлука за привремено запирање на сите активности во оваа група. Сепак, по најновите позитивни случаи во редовите на Охрид, како и евидентираните позитивни играчи во КЛ7, Радовиш и Струга (од оваа група), останува да се види какви ќе бидат резултатите на масовниот скрининг што ќе се случи следната седмица, по што ќе биде донесена и конечна одлука дали, кога и на каков начин ќе продолжи ракометната сезона.

Се вчитува...