Короната прави хаос во подготовките, ќе имаат ли смена на плановите и нашите клубови?

Коронавирусот прави „пустош“ низ Европа, и го смени начинот на подготовките на екипите. Така Удинезе во моментов не тренира, Ливерпул пред неколку дена го затвори тренинг кампот, а измени во подготовките направи и Шалке, но и другите екипи.

Удинезе ги прекина тренинзите откако во тимот беа откриени нови девет, плус пет случаи на коронавирус. Ливерпул е без тренерите Клоп и неговиот помошник поради позитивни тестови, па беше приморан да го затвори својот тренинг камп, и да им додели индивидуални тренинзи на играчите. Шалке, пак, отиде подалеку и го откажа патувањето во Белек. Шалке воведе и нови правила на тренинзите така што играчите се поделени во три групи, нема да се соблекуваат во соблекувалните, а видео анализите ќе бидат правени он-лајн. На тренинзите ќе се намалат сите контакти меѓу играчите.

Македонските екипи, барем поголемиот дел од нив се подготвуваат за патување во Анталија. Таму важи правилото дека секој кој ќе сака да игра пријателски натпревари, ќе мора да биде целосно имунизиран. Засега ниту еден наш тим не ги откажал подготовките во Турција, но ќе мора да бидат направени тестирања пред заминување. Тука би можеле да излезат проблеми доколку некој е позитивен, па да се случи да не отпатува на подготовките со екипата.

Короната прави хаос низ цела Европа, а останува да се види дали и кај нашите тимови се ќе оди според планираното. Голем број на земји меѓу кои Хрватска, Германија, Франција, Италија… бележат рекорден скок на позитивните случаи. Се откажуваат и одложуваат натпревари. Можеби среќна околност е што нашето првенство е на пауза, па ќе има време до крај на февруари да се смири ситуацијата, и да се врати фудбалското првенство во нормала.

Се вчитува...