Коронавирусот направи хаос – Црногорците ја прекинаа сезоната

Фудбалскиот шампионат на Црна Гора денеска и официјално беше прекинат по појавувањето на коронавирус во редовите на лидерот на табелата, Будуќност. Еден фудбалер на Будуќност беше позитивен на covid-19, остатокот на тимот веднаш беше ставен во 14-дневен карантин, а согласно протоколот за натпреварување, сезоната автоматски беше прогласена за прекината. Црногорците ја стартуваа сезоната на 31 мај, се пофалија и дека уште во раната фаза ќе пуштат гледачи на трибините, но зголемениот број на заболени во оваа држава се префрли и меѓу фудбалерите во елитното друштво.

Извршниот Одбор на Фудбалската Федерација на Црна Гора на денешниот состанок и официјално ја прекина сезоната, именувајќи го моментниот лидер Будуќност за актуелен првак, кој ќе ја претставува оваа земја во квалификациите за Лигата на Шампионите. Откажано е и финалето од Купот на Црна Гора, додека последнопласираниот Грбаљ испадна од елитното друштво.

„Со оглед на моментната епидемиолошка ситуација и одлуките на националното координативно тело, по евидентираните случаи на коронавирус мешу фудбалерите, Извршниот Одбор донесе одлука за прекин на сите натпреварувања. Изречени се мерки за самоизолација на сите фудбалери и членови на стрчниот штаб во ФК Будуќност, а воедно не е возможно ниту одигрување на натпревари во Беране, Бијело Поље, Рожај и во уште неколку градови. Токму поради сето ова, евентуалното продолжување ќе значеше и сериозен сомнеж во регуларарноста на шампионатот и одлуката за прекин е единственото правилно решение во моментов“, изјави претседателот на Фудбалската Федерација на Црна Гора, Дејан Савичевиќ.

 

Се вчитува...