Кошарка во Македонија: Тепачка среде меч а полиција никаде, натпревари без записник и мерач на време!

Терените и салите во Македонија место да служат како единствен простор за спорт, рекреација, развивање на натпреварувачки дух, но и најважно како место без предрасуди и место каде младите ќе учат за толеранција, служат како боречки рингови во кои во преден план не секогаш се играчите.

Се почеста е сликата на насилство, без разлика за кој спорт станува збор. На фудбалски терени навивачи удираат боксови на играчи, на детски натпревари родители тепаат противнички играчи, а последниот инцидент кој ни доаѓа е од Третата кошаркарска лига каде дербито меѓу Маџари и Феникс Баскет било прекинато сред меч поради тепачка на публиката.

„Во интервалот за игра помеѓу третата (3) и четвртата (4) четвртина при резултат (65-69), неслужбени лица од двете екипи во еден момент од трибините ја прескокнале оградата и се упатиле кон ходникот од кај службениот влез при што настанува најнесаконото –ТЕПАЧКА“, стои во последниот билтен на кошаркарската федерација.

На натпреварот не била присутна ни полицијата на која и требало 25 минути за да пристигне во салата по пријава на службениот претставник и комесарот за безбедност па инцидентот било невозможно да се спречи.

„Во 20,10 часот, сл.преставник и комесарот за безбедност на домаќинот се известени ВЕДНАШ да се повикаат органите на МВР, а по пауза од 25 минути се појавије истите (две лица). По извршените консултации на сл.лица и МВР и повикување на дополнително засилување (четири лица), било одлучено натпреварот да продолжи“.

Од натпреварот нема ни видео запис бидејќи домаќинот потфрлил во обврската. Лице го снимало мечот со мобилен телефон, но од непознати причини исчезнало во третата минута од втората четвртина.

Натпреварот се доиграл со согласност на двете екипи, а екипата на Маџари по целиот инцидент доби казна од вкупно 37 илјади денари за слаба организација, влегување на терен на неслужбени лица и недоставување на видео снимка.

За тоа каде е кошарката во Македонија доволно говори и записникот од мечот меѓу Љуботен и Гостивар кој пред се доцнел 15 минути поради немање записник и мерач на време. На записничката маса седеле лица необучени за професијата, а тоа резултирало со тензичност и гостите од Гостивар барале прекин на мечот.

„Почетокот на натпреварот доцнел 15 минути поради немање записник и мерач на време. Лицата на записничката маса биле необучени, сето тоа се одрзило и на играта (времето не се стопирало соодветно), предизвикало тензичност во самата игра, кај публика и екипата на КК Гостивар (барале прекин на натпревар). Записникот го преземал делегатот да го води, а лицата од записничката маса биле отстранети. На полувреме се се средило и се продолжило во мирна и спортска игра“, стои во извештајот за мечот.

Третолигашкото натпреварување стана дел од македонската кошарка оваа сезона и истото треба да служи за развој на младите таленти, но очигледно дека Македонија е далеку од место за соодветен кошаркарски развој.

Се вчитува...