Кошаркарите на мегдан со „перфектната“ Италија

Македонската кошаркарска репрезентација со денешниот дуел (15.30 часот) против Италија го стартува настапот во Перм, на квалификацискиот турнир за Евробаскет 2022 на кој „црвено-жолтите“ во рок од пет дена ќе одиграат четири натпревари во обид да стигнат до билет за Евробаскет 2022.

Италија ги игра овие квалификации без резултатски притисок, но дури и со својот „втор тим“ доминира во групата триумфирајќи на досегашните три натпревари (два со Русија, еден со Естонија). На спротивната страна, Македонија ги отвори квалификациите со два порази (дома од Естонија, на гостински терен со Русија), но „црвено-жолтите“ за овој турнир се засилени со Џејкоб Вајли, американскиот центар кој треба да донесе дополнителна цврстина во рекетот.

Згора на тоа, Италија е дополнително ослабена со неиграњето на Витали и на Давиде Морети.

„По точно една недела од првиот собир, од денеска ја почнуваме серијата од четири натпревари во период од пет дена. За нас ова е прв натпревар по пауза од точно една година. Се надевам дека ќе покажеме дека можеме да се ‘носиме’ со најсилните европски репрезентации како што беше случај минатиот февруари против Русија. Но во исто време и да потврдиме дека мечот со Естонија на домашен терен беше само лош ден. Оваа нова генерација на Италија игра многу брза кошарка. Транзицијата и шутот за три поени ѝ се најсилно оружје. Дела Вале и Ричи се носители на нивната игра.  Двајца кошаркари на кои треба да посветиме најголемо внимание“, смета Тодоров пред дуелот кој стартува од 15.30 часот во „Молот“ Арената во Перм.

Се вчитува...