Кошаркарскиот Супер-куп повторно се откажува

Новата сезона во кошаркарскиот шампионат втора година по ред нема да биде отворена со Супер-купот на Македонија, откако МКФ не успеа да ги усогласи термините со екипите кои требаше да бидат дел од овој турнир.

Планот на куќата на кошарката беше во Супер-купот да учествуваат најдобрите четири екипи од ланската сезона, Работнички, МЗТ Скопје, Блокотехна и Куманово, но МКФ задоцни како и лани повторно задоцни со негово објавување, па со поконкретни најави излезе дури на почетокот од месецов. Сите клубови во меѓувреме имаа закажано подготвителни натпревари, па не успеа да се најде компромисен термин во кој четирите екипи би биле слободни за да го одиграат Супер-купот на Македонија.

Во една таква ситуација, МКФ се откажа од намерата за организација на ова натпреварување, со најава дека догодина терминот ќе биде обелоденет уште при самиот крај на сезоната, за истиот благовремено да влезе во календарите на екипите-учеснички.

Супер-купот на Македонија последен пат се одржа пред две години, кога МЗТ Скопје стигна до трофејот како домаќин, совладувајќи го во финалето тимот на Карпош соколи со 87-84.

Се вчитува...