Месец дена подоцна од очекуваното, топките повторно ќе затропаат во салите ширум Македонија, ќе се слушнат и судиските свирчиња, а по четирисетина минути игра еден тим ќе се радува на првенец во новата сезона.
За разлика од некоја друга година, овојпат ситуацијата е поразлича. Во Првата лига по подолго време повторно имаме дванаесет екипи, имаме и два претставника на „Јадранот“, како и два претставника во БИБЛ лигата, услови кои најавуваат квалитетно и неизвесно првенство, секако доколку моменталната ситуација и го дозволи истото.
Проблемите кои го одложија првенството повторно „тропаат“ на врата, меѓутоа овој пат наместо целосно одложување, ќе имаме два натпревара помалку. Воедно, играчите кои требаа да ја започнат претставата, на натпреварите помеѓу Вардар и Црн Дрим, односно Кожув и Пелистер, поради позитивни случаи нема да ги видиме овој викенд, па официјално лигата ќе започне со натпреварите помеѓу ФМП Академија и Гостивар, односно ТФТ и Куманово.
Гостиварци години наназад градат тим за титула, костурот на тимот е ист и оваа сезона, а со враќањето на миленикот на публиката, Александар Тодоровиќ, тимот од Западот ја зацврсти својата позиција за претендент за највисок дострел.
Тимот од Кисела Вода пак, слично како претходната сезона ќе игра на картата на изненадување против фаворитите како што е и Гостивар, нешто што на овој тим му одеше од рака пред прекинот на првенството.
„Екипата на Гостивар е фаворит на хартија, но сепак ние сме млада екипа и не се предаваме и одиме на фактор изненадување. Имавме мал период да се подготвиме после карантинот, но сепак јас и моите соиграчи ќе излеземе на терен со желба за докажување и позитивен резултат“ – вели капитенот на ФМП, Главчев.
Единствените тимови кои одиграа официјален натпревар оваа сезона, во рамките на БИБЛ лигата, „новалијата“ ТФТ и Куманово, како и пред четири дена повторно ќе си ги одмерат силите, овој пат во Скопје. Двата тима имаа шанса да ги препознаат своите слабости и истите да ги сведат на минимум пред премиерата на домашната сцена, па се надеваме дека неизвеноста од „Перо Наков“ ќе се префрли и на „Кале“.
Прво коло и веднаш вечно дерби
В недела продолжувањето на колото започнува со дуел во „Јане Сандански“ каде подмладокот на МЗТ Скопје го пречекува Еуро Никел. Талентираните „штркчиња“, кои претходната сезона прикажаа голем напредок, оваа сезона ќе бидат предводени од ново име (Боро Даскалоски), а дека се тука за да „опстанат“ докажува и фактот дека овојпат ќе бидат засилени и со талентирани странски кошаркари. Големи промени не претреа ниту кавадарчани, кои со доведувањето на дуото Казарновски-Мијатовиќ ставија до знаење дека ќе атакуваат на место меѓу најдобрите четири екипи.
Последниот дуел во првото коло е и убедливо најинтересниот натпревар ова коло е вечното дерби. Двата тима кои оваа сезона ќе се борат за влез меѓу најдобрите во регионот, за истото ќе се подготвар со меѓусебен дуел за престиж – дома. И центарци и аеродромци не направија драстични промени на составот, останаа голем дел од играчите од претходната сезона, а дојдоа и ефикасни странци, некои нови, но и доста познати имиња во макбаскетот.
Едно е јасно, пред нас е една долга, тешка и од секој поглед неизвесна сезона во која здравјето ќе биде на прво место. Натпреварите нека започнат, а нека победи најдобриот!
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА