Косово загуби во Романија пред да дојде во Македонија

Репрезентацијата на Косово го претрпе и вториот пораз во претквалификациите за Евробаскет 2021, откако вечерва загуби од селекцијата на Романија со 88-83 како увертира за гостувањето против Македонија, натпревар што на програмата е в недела во Гевгелија. На „црвено-жолтите“ повеќе им одговараше триумф на Косово за в недела дефинитивно да си го осигураат пласманот во главните квалификации, но со ваквиот развој на настаните е јасно дека и во случај на победа во Гевгелија, Македонија за осигурување на првото место ќе мора да ги чека февруарските последни квалификациски средби.

Поголемиот дел од првото полувреме мина во водство на Косово, откако тактиката да се остават Романците на шутеви од далечина вроди со плод. Домаќините промашија бројни отворени шутеви, но откако се разбудија со две тројки во финишот од полувремето стигнаа до 35-35, резултат со кој се замина на одмор. Шутот многу повеќе ги служеше домашните кошаркари во второто полувреме, па Романија беше селекцијата што го диктираше темпото во поголемиот дел од преостанатите 20 минути. По три четвртини резултатот гласеше 59-53, но гостите го отворија четвртиот период со серија од седум поени, по што романскиот селектор беше принуден да побара тајмаут.

Романците влегоа во серија на тројки што им овозможи на 86 секунди до крајот да поведат со 80-70, но гостинските кошаркари не се предадоа, туку со максимално ангажирана игра за неполна минута намалија на 80-77. Сепак, мирната рака од линијата за слободни фрлања на Американецот Вотсон им ја донесе на Романците победата, и покрај одличната игра на Бериша во последната минута од овој интересен натпревар.

Вотсон го заврши мечот како најефикасен во романскиот состав со 19 поени, додека кај Косово најдобри поединци беа центарот Шоши со 29 поени и 18 скокови, потоа Бериша со 24 и Морина со 22 поени.

Се вчитува...