Во пресрет на утершниот двобој против Татабања во Лига Европа, ракометарот на Еурофарм Пелистер, Ненад Костески ги сподели своите очекувања за неговиот тим.
Костески истакна дека тој и неговиоте соиграчи се наоѓаат во одлична форма, па нивната примарна цел во моментот е победа и сместување на првото место во групата.
„За разлика од претходните сезони, оваа е доста поуспешна и на добар пат сме да бидеме уште подобри: На добар пат сме, се подготвуваме, ги анализираме следните противници и во добра серија сме. Ме радува тоа што одиме во нагорна линија и имаме шанси за првото место во групата. Сега тоа прво место ни е цел. Зошто да не се обидеме, ако можеме да го обезбедиме. Се подготвуваме за Татабања, веќе ги анализираме и можам да кажам дека се работи за сериозна екипа, иако не обезбедија пласман во следната фаза на ЕХФ Лига Европа. Не смееме никако да ги потцениме, тие се екипа која трча и која има добри индивидуалци кои играат „еден на еден“. Ни останаа уште неколку дена да се подготвиме, но ве уверувам дека ќе играме на победа“, изјави Ненад.
Ракометарот на Еурофарм нагласи дека коронавирусот предизвикал моментален замор во тимот, но истакна дека дел од играчите се враќаат, а тоа ќе им донесе поголема ротација и свежина за претстојниот дуел.
„Имавме корона-проблеми, ростерот ни беше скратен и некои натпревари ги одигравме со помала ротација. Се чувствува замор, но ќе заборавиме на него, еве се враќаат неколку ракометари кои ни недостигаа на претходните натпревари и ќе имаме поголем ростер за ротација против Татабања“, заклучи Костески.
Натпреварот меѓу Татабања и Еурофарм Пелистер е закажан за утре со почеток од 18.45 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА