Ковач контра новинарите: Ме лути што јас секогаш сум виновникот

Тренерот на Баерн Минхен, Нико Ковач, ја оствари најголемата победа во својата кариера откако баварскиот гигант со убедливи 5-0 ја декласираше Борусија Дортмунд и со тоа се искачи на врвот на табелата.

И наместо да ужива во славјето, поранешиот хрватски селектор по мечот се пресмета со новинарите, откако беше испровоциран од прашањето дали ќе оди на забавата која ја организира Џeром Боатенг.

“Фудбалската игра и тактика веројатно не е тоа што ве интересира. Само победа или пораз е во доменот на вашите размислувања и тоа е она што страшно ме нервира, верувајте, уште многу мои колеги мислат исто како мене. Ете, морав ова да ви кажам, иако јас не сум некое мерило за моралност”–  рече разлутениот Ковач.

“ Знаете што…Кога победуваме, никој од вас не пишува дека тоа е заслуга на тренерот, но кога губиме тогаш сум јас виновникот” – додаде хрватскиот стратег.

Тренерот на Баерн, кој конечно ги замолкна критичарите во Минхен, даде и осврт на натпреварот.

“Како да се објасни ваква победа? Фудбалот е чуден, не можете секогаш да го објасните. И во првиот дел од сезоната игравме офанзивно, но не ни успеваше до крај тоа да го сработиме. Победата во секој случај е сосема заслужена и го одразува вистинскиот сооднос и нашата доминација на теренот“ – заврши Нико Ковач.

Се вчитува...