Јуве се откажа, Суарез е на чекор до Атлетико Мадрид

Луис Суарез дефинитивно нема да се пресели во Јувентус во текот на овој преоден рок, објави синоќа директорот на Јувентус, Фабио Паратичи. Токму Паратичи е човекот кој ги води преговорите за трансфери на „старата дама“, тој не крие дека преговарал со Суарез, но децидно порача дека нема никакви шанси Уругваецот да пристигне во Јуве.

„Суарез нема да дојде летово. Точно е, разговаравме, сите видовте и дека полагаше за добивање на италијански пасош. Сепак, нема никакви шанси тој да добие пасош до крајот на преодниот рок, со самото тоа нема никакви шанси ние да го донесеме летово. Бараме други опции за нападот, бидејќи Суарез е невозможна мисија“, изјави Паратичи.

Секој клуб има право на едно засилување надвор од ЕУ во текот на една сезона, а Јувентус веќе го потпиша Бразилецот Артур, така што нема можност да го комплетира и трансферот на Уругваецот. Погледите на „старата дама“ сега се насочени кон Един Џеко, но Рома нема да го пушти својот капитен додека не го комплетира трансферот на Милик од Наполи.

Што се однесува до Суарез, одличниот напаѓач сега се наоѓа пред потпис со Атлетико Мадрид. Диего Симеоне е во потрага по врвен голгетер откако Диего Коста и Мората не ги оправдаа неговите очекувања, а Суарез е идеално решение бидејќи е проверен голгетер, воедно и би дошол без да биде платена отштета на Барселона. Сепак, проблем е што уругвајскиот репрезентативец е во војна со управата на Барселона бидејќи инсистира ако си замине да ја добие целосната плата за сезоната 2020/21 (околу 12 милиони евра). Каталонците одбиваат ваков расплет бидејќи не сакаат предвреме да исплатат фудбалер што би можел да му биде од помош на тренерот Куман, па лесно може да се случи Уругваецот, кој воедно е и најдобар пријател на Лео Меси, да ја мине и новата сезона во дресот на каталонскиот гигант.

Се вчитува...