Тотенхем ова лето може да остане без услугите на Уго Лорис откако договорот на голманот и лондонскиот тим истекува во јули 2022 година. Доколку капитенот на тимот се одлучи за промена на средината тоа дефинитивно ќе значи и крај на една ера за „петлите“ кои францускиот репрезентативец го имаат на голот од 2012 година.
Сепак тренерот на Тотенхем, Антонио Конте не мисли така. Тој вели дека Лорис е среќен во Лондон и очекува да го продолжи договорот.
„Уго е фудбалер на Тотенхем, тој е нашиот капитен и сака да остане. Ќе имаме разговори со клубот да најдеме решение кое ќе биде во корист за сите. Мислам дека тој сака да остане. Го обожава градот и среќен е во Тотенхен“, вели италијанскиот стратег.
Лорис досега одигра 392 натпревари за Тотенхем на кои 133 пати ја сочува мрежата недопрена, но со 35-годишна возраст е на залезот на својата кариера. Француските медиуми пренесуваат дека сака да се врати назад во Ница, па останува да видиме дали „петлите“ ќе успеат да го задржат преискусниот Лорис во своите редови.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА