Крај на љубовта: Конте е спакуван, Интер го испраќа со чек од 7,5 милиони евра

Љубовта меѓу Интер и Антонио Конте е завршена приказна, одличниот стручњак само една седмица по завршувањето на сезоната и освоеното скудето ќе ги напушти „нероаѕурите“. Информацијата утрово први ја објавија новинарите на „Газета дело спорт“, се очекуваше разговорите и убедувањата да траат уште неколку дена, но наместо тоа двете страни експресно се договорија за прекин на соработката.

На Конте му следеа 13,5 милиони евра за последната година од актуелниот договор, но трофејниот стручњак на крајот прифати да добие отпремнина од 7,5 милиони евра и да си замине од „Џузепе Меаца“. Навивачите во текот на денешниот ден протестираа пред клупските простории, но управата остана децидна на ставот дека финансиските проблеми се пресериозни и најмалку еден од клучните играчи ќе мора да биде продаден. Конте инсистираше на задржување на сите „ѕвезди“, а откако му беше ставено до знаење дека ќе мора да продаде клучен првотимец реши да си замине, нешто што своевремено го направи и при сличен конфликт со раководството на Јувентус.

Шпанските медиуми шпекулираат дека Конте веќе стапил во контакт со Реал Мадрид и важи за еден од најсериозните кандидати за наследник на Зинедин Зидан. Што се однесува до Интер, во преден план во трката за нов стратег се појавува актуелниот шеф на стручниот штаб на Лацио, Симоне Инзаги.

Се вчитува...