Крај на сагата: Озил одлета за Истанбул, утре потпишува за Фенербахче

ЕДна од најдолгите саги во европскиот фудбал конечно ќе заврши утре, откако Месут Озил ќе си замине од Арсенал и ќе се пресели во редовите на Фенербахче. Германскиот интернационалец пред неколку години потпиша нов мегадоговор со Арсенал вреден 350.000 фунти неделна плата, во меѓувреме „топчиите“ сакаа да го продадат, но Озил не сакаше ни да чуе за намалување на примањата.

Ова придонесе тој целосно да биде изолиран од работата со првиот тим, сезонава немаше ниту еден настап за лондонскиот клуб, за Озил конечно да прифати да си замине од Арсенал и кариерата да ја продолжи во Фенербахче. Сите детали се веќе договорени, а Озил денеска се збогувал и од соиграчите во Лондон, по што се качил на авион и со семејството се упатил кон Истанбул.

Утре наутро тој ќе треба да ги мине лекарските прегледи во новиот клуб, по што и официјално ќе го стави својот потпис на договорот со Фенербахче.

„Од мал навивам за Фенербахче, затоа се чувствувам среќно што ќе добијам можност да го облечам дресот на овој клуб. Иако долго сум без натпревар, напорно тренирав во овој период и чувствувам дека сум во добра форма“, порача Месут Озил.

Се вчитува...