„Кралевите“ го освоија Минхен, АСВЕЛ го изненади Олимпијакос

Реал Мадрид успеа да стигне до многу важен триумф на гостувањето во Германија кај незгодниот Баерн Минхен, совладувајќи го по продолженија со 76-81. Откако Германците одиграа неверојатно во регуларниот дел, во продолженијата заморот си го направи своето, а „кралевите“ им дозволија само четири поени на Баварците. Најдобар поединец во победничкиот табор беше Таварес со 26 поени, надополнети со 9 скока, додека кај германскиот шампион Рејнолдс уфрли 18.

Валенсија  стигна до рутинска победа против Црвена Звезда од 91-71. Шпанците ги расчистија сите дилеми уште во првата четвртина која ја добија со 12 поени разлика (27-15). До крајот само рутински го приведоа мечот за нов триумф во елитното натпреварување. Лаберје со 16 и Калиниќ со 14 поени беа предводници на Валенсија, додека за „црвено-белите“ не беше доволен ниту 21 поен на О’Брајант.

Во вториот натпревар од програмата од 20:30 АСВЕЛ стигна до изненадувачка победа на гостувањето во Грција кај Олимпијакос со 63-69. Клучна беше третата четвртина во која гостите на противникот му дозволија само седум поени. Јабуселе со 19 поени беше најдобар поединец кај победникот, додека кај поразените се истакна Херисон со 13 поени.

Се вчитува...