Кралот на СЕХА и принцот на Македонија ги бранат боите на Вардар уште од првото СЕХА финале

ЕКИПА во Брест

Катерина Павлова Николовска

Капитенот Столе Стоилов и Игор Карачиќ се единствените две имиња кои се во составот на Ф4 турнирот од СЕХА лигата во Брест, а кои се бореле и во првото финале на Вардар пред седум години. Овие двајца играчи кои дефинитивно се ликовите по кои е препознатлив македонскиот тим во сезоните на европска слава и успех и денеска против Мешков ќе бидат клучни во системот на Парондо за нов успех во регионалното натпреварување.

Капитенот и Хрватот беа дел од сите четири титули на Вардар во СЕХА, се разбира посакуваат продолжување на традицијата и нов трофеј по кој екипата ќе се насочи кон нов пласман на завршниот турнир на четирите најдобри во Лигата на шампионите.

Со оглед на севкупната ситуација во Вардар, а и извесноста околу неговото заминување, Игор Карачиќ посакува успеси за евентуалниот крај на престојот во Скопје.

„Седум години бев во Вардар, ги минав најубавите денови, веќе неколку пати кажав дека тоа е мојот дом, ги засакав луѓето, градот. Ако даде Господ би сакал овие убави денови да ги завршиме со СЕХА-титула и пласман на Ф4 во Лигата на шампионите, па таму ќе видиме што ќе се случи“ – вели Карачиќ во пресрет на полуфиналето.

Стоилов пак смета дека е добро за Вардар што Белорусите се дожувуваат за фаворити.

„Ова е осми фајналфор турнир за Вардар и целта секогаш е иста – освојување на пехарот. Немавме многу време за подготовки, но околностите се исти за сите екипи. Мешков гледа на себе како на фаворит, има добар тим, игра на домашен терен… Тоа е добро за нас, ривалот да е фаворит, таквата улога ни одговара бидејќи притисокот сигурно ќе биде врз Белорусите“ – потенцира капитенот.

Се вчитува...